1 Chronicles 22
1 И рече Давид: „Еве го домот на Господ Бог, еве го и жртвеникот за сепаленици на Израел.“
2 Па заповеда Давид да ги соберат придојдените, што беа во земјата израелска и одреди каменоделци да делкаат камења за изградба на дом Божји.
3 Давид подготви уште многу железо за шајки по крилата на вратите и за куки, и многу бакар — без мерка,
4 и кедрово дрво без број, зашто Сидонците и Тирците му доставија на Давид многу кедрово дрво.
5 И рече Давид: „Синот мој Соломон е млад и слаб, а домот, што ќе се гради за Господ, треба да биде многу величествен, за слава и за приказ по сите земји; затоа јас ќе му приготвам сѐ што треба за него.“ И приготви Давид до смртта своја многу.
6 И го повика синот свој Соломон и му заповеда да Му изгради дом на Господ, Бог Израелов.
7 И му рече Давид на Соломон: „Сине, имав на срце да изградам дом на името на мојот Господ, Бог,
8 но дојде кон мене словото Господово и ми се рече: ‚Ти си пролеал многу крв и си водел големи војни; ти не бива да градиш дом на името Мое, зашто си пролеал многу крв на земјата пред лицето Мое.
9 Еве, ќе ти се роди син: тој ќе биде мирен човек; ќе му дадам спокојство од сите околни непријатели, затоа името негово ќе биде Соломон. Во неговите дни ќе му дадам на Израел мир и спокојство.
10 Тој ќе изгради дом на името Мое и ќе Ми биде син, а Јас нему — Татко, и така ќе го зацврсти престолот на царството негово над Израел довека.‘
11 А сега, сине, Господ нека биде со тебе, та да имаш благослов и да Му изградиш дом на Господ, твојот Бог, според тоа како што Тој рече за тебе.
12 Да ти даде Господ мудрост и разум и да те постави над Израел; и запази го законот на Господ, твојот Бог!
13 Така ќе имаш успех, кога ќе земеш да ги извршуваш наредбите и законите, што Господ му ги заповеда на Мојсеј за Израел. Биди цврст и храбар, не плаши се и не паѓај со духот!
14 И еве, јас со мака приготвив за домот Господов сто илјади кикари злато, илјада кикари сребро, а бакарот и железото мерка немаат, зашто се во големи количини; дрва и камења исто така подготвив, а ти придодај уште кон тоа.
15 Имаш многу работници, и каменоделци, и резбари, и дрводелци, и вешти луѓе за секаква работа.
16 Злато, сребро, бакар и железо — без број; продолжи и работи; Господ ќе биде со тебе.“
17 И им заповеда Давид на сите началници израелски да му помагаат на синот негов Соломон:
18 „Зар не е со вас Господ, Бог наш, Кој ви даде спокојство од секаде? Зашто Тој ги предаде во мои раце жителите на оваа земја, и земјата се покори пред Господ и пред Неговиот народ.
19 И така, расположете го срцето свое и душата своја, за да Го побарате Господ, вашиот Бог. Станете и изградете Му светилиште на Господ Бог, за да го пренесете ковчегот на заветот Господов и свештените садови Божји во домот, што ќе се гради на името Господово!“